ОБЈАВЕН ПРВ ТРЕЈЛЕР ЗА НОВАТА СЕРИЈА „ГОСПОДАР НА ПРСТЕНИТЕ“

Њујорк, (Би-Би-Си)

Фановите добија мал увид во новата серија „Господар на прстените“, која е најавена како најскапа на сите времиња, откако „Амазон“ го објави првиот краток трејлер. Сместена илјадници години пред дејството во филмовите на Питер Џексон, „Прстените на моќта“ ќе има премиера на 2 септември.

„Пред кралот, пред братството, пред прстенот – нова легенда почнува наесен“, најавува клипот од 60 секунди, во кој се појавуваат предци на Хобитите и други мистериозни ликови.

Засега има малку детали за содржината. Првата од предвидените пет сезони се снимаше во Нов Зеланд.

„‘Прстените на моќта‘ ги обединува сите важни приказни од Второто доба на Средна Земја: ковањето на прстените, подемот на мрачниот господар Саурон, легендарната приказна за Нуменор и Последната алијанса на џуџињата и луѓето. Публиката досега ја виде приказната за само еден прстен, но пред да има еден, ги имало многу“, кажаа авторите на серијата Џеј Ди Пејн и Патрик Мекеј.