ДОЛГАТА МАСА НА КОЈА ПУТИН ГИ СЕДНА СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ Е ДЕЛО НА МАЛА ФИРМА ОД ИТАЛИЈА КОЈА ГО ОПРЕМИ ЦЕЛИОТ КРЕМЉ

Рим, (Ројтерс)

Долгата маса на која Владимир Путин деновиве разговараше со светските лидери за кризата околу Украина е направена во Италија од мала семејна фирма, која опремила и десетици други соби во Кремљ. Шест метри долгата бела маса, на која Путин ги седна Емануел Макрон и Олаф Шолц, го привлече вниманието на светската јавност и инспирираше бројни мемиња.

Ренато Полоња вели дека масата е само едно парче мебел што неговата фирма „Оук“ го изработила за Кремљ во рамките на договорот од 1995 до 1997 година.

„Обезбедивме мебел за 70 соби. Некои маси се и поголеми“, откри Полоња.

Тој додава дека масата е изработена од едно големо парче дабово дрво.

„Ако сакате денес да купите нешто слично, би чинело околу 100.000 евра. Беше убаво насекаде да се видат фотографиите од масата. Се надевам дека ќе донесе мир во Украина“, изјави Полоња.

Фирмата „Оук“ декорирала 7.000 квадратни метри простор во Кремљ, а договорот бил вреден меѓу 40 и 50 милиони евра. Целиот мебел бил изработен во Италија и потоа донесен во Русија.

„Тоа е најголемата нарачка што сме ја имале досега“, кажа Полоња, кој ја наследил фирмата со 50-ина вработени од дедо му.