ПЕТТАТА СЕЗОНА НА „ЧУДНИ НЕШТА“ ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ ВО ТРИ ДЕЛА, ФИНАЛЕТО Е НА 31 ДЕКЕМВРИ

Лос Анџелес, (Вараети)

Петтата и последна сезона на една од најпопуларните серии на „Нетфликс“, „Чудни нешта“ (Stranger Things) ќе се прикаже во три дела, конечно објави стриминг-гигантот.

„Нетфликс“ објави тизер во кој се соопштува дека првиот дел ќе се прикаже на 26 ноември, вториот на 25 декември, и третиот на 31 декември 2025.

Четвртата сезона на „Чудни нешта“ премиерно се прикажа во летото 2022 во два дела, а беа објавени одделно во мај и јули. Сите епизоди траеја повеќе од 60 минути, а последната епизода од вториот дел траеше повеќе од два часа.

Снимањето на петтата сезона почна во јануари 2024, откако беше одложено поради штрајкот на холивудските сценаристи и актери во 2023.

„Чудни нешта“ дебитираше на „Нетфликс“ во 2016 и стана неговата најгледана серија на англиски јазик. „Нетфликс“ претходно најави дека работи и на спиноф серија „Чудни нешта“.

(Фото: Нетфликс)