ПО НИЗА УСПЕШНИ ФИЛМОВИ, ЈОРГОС ЛАНТИМОС ПРВПАТ ЌЕ РЕЖИРА СЕРИЈА

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Откако неговиот последен филм „Миленичка“ доби десет номинации за Оскар, вклучувајќи и за режија, следниот проект на Јоргос Лантимос, сепак, ќе биде телевизиски.

Грчкиот филмаџија ќе биде режисер и извршен продуцент на минисеријата на „Фокс“, „Човекот во оделото на Рокфелер“, што ќе биде адаптација на истоимениот бестселер на Марк Сил.

По сценарио на Дејвид Гилберт, серијата ќе ја раскаже неверојатната вистинска приказна за Кларк Рокфелер, успешен и мистериозен наследник на кланот Рокфелер, чија сопруга Сандра почнува да се сомнева дека тој не е она што кажува дека е, по што неговиот свет почнува да се распаѓа.

Се шпекулира дека во главната улога ќе биде Бенедикт Камбербач, кој се прослави како Шерлок Холмс.

Ова ќе биде првпат Лантимос да работи за телевизија, откако досега снимаше главно филмови и видеоспотови.