Македонија дојде на чекор до полноправно членство во НАТО откако денеска и францускиот парламент го ратификуваше Пристапниот протокол. Последната, 29. земја која треба да го изгласа е Шпанија, но засега е неизвесно кога ќе се случи тоа, бидејќи таму пред само десетина дена се одржаа вонредни избори, па новиот парламент сѐ уште не е конституиран.

„Денеска сме буквално на чекор до полноправно членство во НАТО. Останува процесот да се заврши со ратификацијата во Шпанија, но таму сѐ уште има дилеми околу составот на владината коалиција, така што тоа се работи кои не зависат од нас. Информации ќе имаме веднаш по самитот на НАТО во Лондон, кога ќе се одржи прва седница на новиот шпански парламент“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Македонија очекуваше да биде потврдена за 30. членка на НАТО на следниот Самит, што ќе се одржи на 3/4 декември, но според премиерот Заев, поверојатно е тоа да се случи до крајот на јануари.

Претставниците на 29-те членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија на 6 февруари.