Прасето Пепа ќе добие сестричка, објави продукцијата на серијата со популарниот детски анимиран лик. Откако на почетокот на март беше објавено дека мајката прасе е бремена, сега од тимот кажаа дека бебето е девојче, а ќе се роди есенва.
Специјалната епизода во која има забава за откривање на полот на бебето ќе се емитува на 3 мај на Јутјуб. Следниот месец ќе излезат 10 нови епизоди од по еден час, во кои Пепа и помалиот брат Џорџ се подготвуваат за доаѓањето на бебето.
Серијата „Прасето Пепа“ е синхронизирана на повеќе од 40 јазици и ги следи секојдневните доживувања на Пепа и нејзиното семејство. Џорџ има две, а Пепа четири години и двајцата само еднаш славеа роденден откако серијата почна да се емитува во 2004. Креирана од Невил Естли и Марк Бејкер, „Прасето Пепа“ денес може да се гледа во повеќе од 180 држави, а на јутјуб каналот има 35 милиони претплатници.
(Фото: ПА)