Снимањето на новата серија „Господар на прстените“, проект на „Амазон“ вреден една милијарда долари, ќе почне ова лето во Шкотска.

Откако беше најавена во 2017 година, од „Амазон“ немаше многу нови информации за една од најисчекуваните серии, која треба да почне да се прикажува во 2021. Првата сезона ќе се снима во ново студио во близина на Единбург, што треба да почне во август и да трае три месеци.

Засега нема официјални информации ниту за дејството на серијата, освен што „Амазон“ навестуваше на Твитер дека ќе се одвива во Нуменор, кој, според книгите на Толкин, бил уништен од Саурон илјадници години пред случувањата во трилогијата „Господар на прстените“.

„Амазон“ ги откупи правата на материјалот за 250 милиони долари и планира да вложи уште толку во снимањето на првите две сезони.