СЕРИЈАТА „ПАРАЗИТ“ ЌЕ НАВЛЕЗЕ ПОДЛАБОКО ВО ЛИКОВИТЕ И ДЕЈСТВОТО, МАРК РАФАЛО НАЈАВЕН ВО ГЛАВНА УЛОГА

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Уште пред да триумфира на Оскарите во понеделникот, Ејч-Би-О почна да работи на ТВ-адаптацијата на „Паразит“.

Јужнокорејскиот филм испиша историја со освојувањето на четири оскари, при што беше прогласен и за најдобар филм, но трагикомичната приказна за работничко семејство кое се инфилтрира во богато семејство сѐ уште не е завршена.

На адаптацијата работат самиот Бонг Јон-хо, кој се закити со три оскари за филмот, и уште еден оскаровец, Адам Мекеј, кој е во улога на извршен продуцент. Бонг вели дека минисеријата ќе овозможи подлабоко да се навлезе во ликовите и дејството.

„Има уште многу приказни кои би можеле да се случат меѓу секвенците што ги гледате во филмот, како и приказни за позадината на секој од ликовите. Сакав слободно да ги истражам тие идеи во филм од пет-шест часа. Засега сме во рана фаза. Ги почнавме дискусиите со Адам Мекеј и ќе се потрудиме да направиме висококвалитетна минисерија“, изјави Бонг.

Според сајтот „Колајдер“, во главната улога би можел да биде Марк Рафало, но Ејч-Би-О соопшти дека е рано да се зборува за тоа. Засега нема најави ни кога би била премиерата.

„Би ми било чест да играм во серијата“, кратко кажа Рафало за сајтот ТМЗ.