ШОУТО НА БУРДЕН МОЖЕ ДА ПРОДОЛЖИ СО ДРУГ ВОДИТЕЛ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Си-Ен-Ен објави дека ќе ги емитува сите преостанати епизоди од шоуто на Ентони Бурден, „Непознати делови“ и ќе ја комплетира 11. сезона.

Судбината на остатокот од серијата беше неизвесна по ненадејната смрт на омилениот ТВ-готвач и патописец, кој изврши самоубиство пред една недела во Франција.

„Си-Ен-Ен во целост ќе ја емитува 11. сезона на ‘Непознати делови‘, вклучувајќи ги и последните две епизоди, оваа и наредната недела. Тоа ќе биде наша посвета на Ентони Бурден“, изјави портпаролката на Си-Ен-Ен.

Иднината на серијата засега е неизвесна, иако извор од ТВ-куќата кажа дека би можела да продолжи со друг водител.

„Луѓето го требаат ова шоу и би требало да продолжи со некој друг. Постојат уште многу можности американската публика да се запознае со малку познати луѓе, јадења и обичаи“, велат од Си-Ен-Ен.

Ентони Бурден (61) беше кремиран во Франција вчера, по што неговите останки ќе бидат вратени во САД.