Кој ќе го освои Железниот трон? Кој би требало да седне на Железниот трон? Дали воопшто ќе има некој на Железниот трон?

Илјадници фанови низ цел свет ќе станат ноќеска во три часот по македонско време за да ја видат разврската на веројатно најпопуларната и најспектакуларна серија во историјата на телевизијата, колку и да трпи критики последната, осма сезона.

Во овој момент, право на тронот полагаат Џон Сноу и Денерис како наследници на лозата Таргарјени, потоа Тирион Ланистер (како можен наследник на Серсеи) и новолегитимниот наследник Гендри како син на кралот Роберт Баратеон. Кој и дали некој од нив ќе се открие како Азор Ахаи, односно Ветениот принц од пророштвото на Мелисандре, која својата верба ја сврте кон Џон откако Станис Баратеон беше убиен пред многу сезони.

Откако почна да се емитува пред осум години, серијата низ 72 епизоди стана меѓународна сензација и масовен културен феномен и последната епизода само во САД имала 18,4 милиони гледачи, не вклучувајќи ги во овие бројки стримувањето и пиратеријата.

Финалето на финалето ќе трае 80 минути и Ејч-Би-О го најави само со многу краток трејлер и со неколку фотографии. Не е познат ниту насловот на епизодата, што сè заедно остава малку простор за прогнозирање.