ВО ВЕЛЕС ПОЧНУВА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „5РЕ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Третото издание на театарскиот фестивал на комедијата „5ре“ започнува вечерва (20 март) со премиерата на претставата „Вечера за глупаци“ на Велешкиот театар. На фестивалот ќе бидат прикажани седум претстави, од нив една е детска. Организатор е Здружението на граѓани „Публика плус“ а финансиски поддржан од Општина Велес со 800 илјади денари.

„Годинава имаме исклучително квалитетна и богата програма. За првпат го отвораме фестивалот со претстава на Велешки театар, со премиера. Програмата е поделена во два циклусА, по три претстави неделно“, кажа Жарко Спасовски од Здружението „Плус публика“.

Вечерва на отворањето, ќе биде врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“ на актерот Тони Михајловски.

Фестивалот продолжува на 22 март, со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар. Претставата „Црвенкапа“ на Театарот за деца и младинци е најавена за 25 март, чиј приход од билетите ќе биде хуманитарен, а „Мој термин“ на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија на Синиша Ефтимов е закажана за 28 март. „Секс и лаги“ на Кумановски театар е на 29 март, „Женидба“ на Штипски театар во режија на Љупчо Ѓоргиевски ќе се игра на 30 март и на 31 март фестивалот се затвора со стенд ап на Сашко Коцев.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Сцена од претсватата „Црвенкапа“ (Театар за деца и младинци)