Во Ликовниот салон во Велес е поставена архитектонската изложба „Вертикални форми на населување на градот Велес“. Таа е дело на осум млади архитекти, Марија Петрова, Сара Јованоска, Теодора Стеваноска, Ангела Петроска, Ахмед Пошка, Горан Трајановски, Кирил Кочоски и Дејан Јанев, при што ниту еден од нив не е од Велес.
„Велешките кули се многу повеќе од обични згради. Тие се сведоштво за стремежот кон модерност, кон живеење во височина, кон новиот урбан идентитет на минатиот век. Изложбата ја следи трансформацијата на домувањето во височина, од инженерски иновации до живи симболи на градското секојдневие“, кажа Ангел Коруновски, скулптор и директор на Народен музеј Велес.
Од зградите „Жаба“ и „ХИВ“, преку кулата на Мостот на Гемиџиите, до кулите близначки кај пазарчето во Нова населба, 21 кула се прикажани на изложбата преку фотографии, а има и 13 макети. Податоците за годината на изградбата, која фирма ги градела и кои се авторите ги обезбеди Историскиот архив, одделение Велес.
„Проучувавме кули кои се вклопуваат во старата велешка архитектура и околните ридови. Поставени се 13 макети од 21 зграда и десетина објекти со старата велешка архитектура, но и куќи кои ги нема, оти времето ги уништило“, рече Марија Петрова, носителка на проектот, кој е финансиран со годишната програма на Министерството за култура.
П. ПЕЧКОВ
 
     
                         
                 
                 
                 
                 
                 
                 
                