ВО ВЕЛЕС СЕ ОТВОРИ ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ И АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ КОИ СЕ ДЕЛ ОД ЗБИРКАТА НА КАМЕНИ СПОМЕНИЦИ ОД ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес e отворена е изложба на  археолошки предмети и фотографии од најзначајните примероци од оваа збирка, која содржи архитектонски елементи, релјефи и камена пластика, сопственост на Народен музеј Велес.

„Ова е композитна изложба каде преку фотографии и археолошки предмети претставуваме дел од збирката на камени споменици на велешкиот музеј. Од 2017 е започнат дологорочен процес на конзервација, заштита и реставрација на камените споменици. Откако речиси сите се конзервирани, сакаме пред велешката публика да ги презентираме, да се запознае јавноста какво богатство имаме во одност на културното наследство. Нашата интенција е дел од овие фотографии да ги замениме со вистински споменици, како постојана музејска поставка“, кажа авторот Анита Василкова-Мидовска (фото), кустос советник археолог.

Збирката на Народен музеј брои 123 споменици, а на изложбата се претставени 40-тина предмети, најзначајните и најрепрезентативните. Тие се пронајдени на територијата на Повардарието, каде на почетоците на работата Велешкиот музеј имал надлежност како Околиски музеј.

„Повардариете е значајно одамна бидeјќи бил патека по која се движеле историските прилики, се случувале настаните, каде историјата се пишувала со болдирани големи букви. Спомениците се интересни од уметничка и историска гледна точка, затоа што покажуваат следење на светските трендови. Тие се поврзуваат со Пајонското и Македонското кралство. Третиот факт е што имаме евидентирано камено-резбарски работилници, како таа во Мартолци од првиот век од п.н.е, која се одликува со интересни претстави на човечки фигури. Четвртиот аспект е што во овој регион, заедно со Пелагонискиот се јавува тенденција на камени споменици и населението не дозволило освојувачите да им наметнат други, туѓи тенденции“, рече Василковска-Мидовска.

Народен музеј Велес како прв повоен е формиран на 24 март 1946, по иницијатива на Гимназискиот професор Ѓорѓи Милошев, подоцна поглавар на МПЦ-ОА  г.г. Гаврил. Поради тоа бил сместен во просториите на Гимназијата „Кочо Рацин“. Првата музејска постановка на Градскиот народен музеј, била отворена на 26 мај во 1946.

Професорот Ѓорѓи Милошев собрал повеќе камени споменици, за кои не се знае што се, од каде потекнуваат, а се дел од примероците со кои располага Народен музеј Велес. Тие ќе биде достапни за посетителите во текот на јануари и февруари 2026 и претставува вовед на големиот јубилеј на оваа институција, 80-години музејска дејност во Велес.

П. ПЕЧКОВ