Тијана Дапчевиќ ќе има уште една изведба на стендап комедијата „Менопауза“ на 21 април во Филхармонијата од 20 часот, објави продукцијата „Евентум“. Првата претстава е закажана за 19 април.
Македонската музичарка и актерка, која долги години живее во Белград, вели дека претставата е гласна, искрена и духовита приказна за темите за кои жените најчесто шепотат, а сега конечно се зборуваат без срам и со многу смеа. Текстот е на Данило Вукотиќ, а режисер е Раде Вукотиќ.
„Играм драматичен стендап напишан од Данило Вукотиќ. Мојот лик се вика Марина Станковиќ, која е во менопауза. Препознавам многу од ситуациите споменати во текстот кои се случуваат и кај мене, тие промени на расположението, на пример. Драго ми е што можам гласно да зборувам за менопаузата, бидејќи тоа не е табу тема, тоа е нешто што секоја жена го доживува во средните години. Треба гласно да зборуваме дека менопаузата не е крај на животот, таа е само ресетирање“, вели Тијана Дапчевиќ.
Премиерата беше во ноември 2025 во салата „МТС“ во Белград. Скопје е дел од регионалната турнеја, а Дапчевиќ ќе ја игра претставата повеќе од 20 пати.
Билетите се продаваат на yournextevent.info.