Колку е високо Лондонското око? Кој го отворил првиот индиски ресторан во Британија? Како се викала петтата жена на Хенри Осми?
Ако Меган Маркл не ги знае одговорите, подобро да почне да учи.
Кога на 19 мај ќе се омажи за принцот Хари, самото тоа нема да ѝ биде доволно на Американката Меган да стане британска државјанка. Таа ќе мора да полага и тест, исполнет со прашања од британската историја и од секојдневниот живот.
Адвокатот специјализиран за имиграција Колин Јео вели дека некои од правилата се „лудо сложени“.
„Лесно е да се направи грешка, затоа што барањата се многу прецизни“, вели Јео.
Конзервативната влада ѝ ја усложни работата на Меган Маркл, откако во 2012 година ги зајакна имиграциските правила, со цел да го ограничи приливот на имигранти на помалку од 100.000 годишно (моментално се повеќе од 200.000).
За да добие виза, 36-годишната Маркл ќе мора да докаже дека нејзината врска со Хари е вистинска и дека е навистина разведена од првиот сопруг Тревор Енгелсон. Таа ќе мора да покаже и дека Хари заработува најмалку 18.600 фунти годишно или дека има заштеда од 62.500 фунти и дека има сместување кое не е обезбедено од јавни фондови.
Потешкиот дел за Маркл ќе биде тестот наречен „Живот во Велика Британија“, кој содржи прашања што ги покриваат буквално сите области, од историја и литература, преку обичаи до политика.
„Меган подобро нека научи дека Лондонското око е високо 135 метри, дека првиот индиски ресторан во Британија го отворил Сејк Дин Махомед, како и имињата на шесте жени на Хенри Осми, затоа што некои од овие прашања може да ѝ се паднат на тестот“, вели професорот по право Том Брукс.