Утре (17 мај) од 11 часот на Школка во скопски Градски парк ќе се одржи настанот „Крени глас против врсничко насилство“ како дел од кампањата која „Макпетрол“ ја организира со цел да се зголеми јавната свест за проблемот со булингот.
Ќе настапат Боно, Пајак и Лара, Петко, Сашко Коцев (фото), како и децата од актерската школа на Весна Петрушевска. „Собирот ќе вклучува и многу други забавни активности за најмладите, како и супер можности за дружење. Изминатиов период актуелни беа ваквите средби наменети за родителите, кои беа организирани на 15 локации и опфатија повеќето од 26 општини што се приклучија на кампањата. Во следниот период работилници за родители ќе се одржат во Струга и во Охрид“, велат од „Макпетрол“.
Во првата фаза од кампањата беа организирани работилници за ученици во повеќе од 150 основни училишта во 26 општини. Освен работилници, компанијата за секоја општина испечати и достави едукативни прирачници за булинг кои учениците можат да ги споделат и со своите родители.
Интернет-страницата kreniglas.mk е носечки сегмент на кампањата. Оваа платформа има за цел да пренесе знаења на сите што можат да придонесат во изнаоѓањето решенија на проблемот со булингот, а тоа се децата, родителите и наставниците. Жртвите, но и сите кои на каков било начин се соочиле со врсничко насилство, можат анонимно да ја споделат личната приказна и преку интерактивен квиз да откријат какви познавања имаат на темата.