ЖАЛАМ САМО ШТО НЕ СУМ ЈА ДЕЛЕЛ СЦЕНАТА СО ПРЛИЧКО, ВЕЛИ БИТОЛСКИОТ АКТЕР СЛОБОДАН СТЕПАНОВСКИ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

„Беше тоа одамна, во основно училиште, кога се појави конкурс за драмска детска сцена во Пионерски дом во Битола, под водство на нашиот Петар Стојковски-Бабец. Таму ги направив првите актерски чекори“, раскажува актерот од Народниот театар од Битола, Слободан Степановски-Цобе, добитник на наградата „Петре Прличко“ за 2020, востановена од Здружението на драмски уметници „Џинот“, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Општина Велес.

По соработката со Бабец, Степановски имал среќа да биде член на Младинската сцена на Народен театар Битола, водена од театарскиот фанатик Владимир Гравчевски. Следуваа студиите на Софиската театарска академија. Веднаш по дипломирањето добил ангажман во Народниот театар во Битола, играјќи ја главната улога во драмскиот текст на Васил Иљоски, „Млади синови“. Потоа следуваа 42 години плодна актерска дејност со околу 130 ликови изведени на матичната сцена, но и како гостин во претстави на други театари.

„Жалам што немав среќа да остварам личен контакт со великанот Прличко. Кога јас се вработив во театар, тој имаше седумдесетина години и веќе го имаше минато патот што мене ме очекуваше. Пат што го сместува меѓу врвните во оваа професија и токму поради тоа, оваа награда за животно дело е величествена за мене“, вели Степановски.

Степановски лани замина во пензија, но во Народниот театар Битола го наследи ќерката Викторија

Додава дека низ неговата актерска кариера минаа сезони со прекрасни доживувања, патувања и случки на и зад сцената, од кои е тешко некоја да се издвои.

„Всушност, се сетив на една. Ја игравме претставата ‘Мандрагора’. Во текстот имаше реплика ‘Има ли некој за исповед?’ која многу често се повторуваше. Еден гледач, веројатно за да привлече внимание, многу често одговараше: ‘Јас сум за исповед’. Во еден момент, го извлековме на сцена и го оставивме мангупчето да виси подолго време, без внимание. Откако ‘ги навлажни ногавиците’, го испративме надвор“, раскажува Степановски.

Објаснува дека актерската професија воопшто не е лесна или само забавна.

„Прашувате кога ми било најтешко – често. Процесот на работа врз ликовите воопшто не е лесен. Исто така, тешко е кога мора да играш претстава, особено комедија, а штотуку си изгубил некој близок“.

По неговиот пат тргна ќерката Викторија Степановска, докажана актерка од Народниот театар.

„Двете мои ќерки уште како малечки ги помирисаа штиците што живот значат, играјќи детски ликови во професионални претстави. Кај Викторија тоа остави подлабоки траги и се претвори во љубов. Не ѝ попречив. Само ѝ ги предочив добрите и лошите страни. Денес, таа е среќна со својот избор и мене тоа ми е повеќе од доволно“, додава Степановски, кој е во пензија од 2019.

Ж. ЗДРАВКОВСКА