ЅВЕЗДАТА НА „ПРИТАЕН ТИГАР, СКРИЕН ЗМЕЈ“ ЌЕ ГО ДОНИРА ЦЕЛОТО БОГАТСТВО ОД 710 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Хонг Конг, (Пипл)

Филмската ѕвезда од Хонг Конг, Чоу Јун-фат, познат по улогата во оскаровецот на Анг Ли, „Притаен тигар, скриен змеј“, ќе го донира целото богатство од 710 милиони долари во хуманитарни цели. Филантропските планови ги откри на промоцијата на неговиот нов филм „Проект Гутенберг“ во Тајван.

Шеесет и тригодишниот актер е познат по неговиот скромен живот, при што троши по стотина долари месечно, се вози со јавен превоз и пазари во поевтини продавници. Актерот 17 години користел мобилен телефон „нокиа“ од првата генерација, сѐ до пред две години, кога престанал да работи, па го заменил со смартфон.

„Парите не ми припаѓаат мене, јас сум само привремено задолжен за нив“, изјави Чоу, кој со сопругата отвори фондација пред неколку години.