ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ТИФФ ВО ИСТО ВРЕМЕ СО ЏЕЗ ФЕСТИВАЛОТ ВО ТЕТОВО

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Од 23 до 29 септември, во Тетово по 13. пат ќе се одржи Тетовскиот интернационален филмски фестивал ТИФФ ОДА (TIFF ODA). Ќе бидат прикажани 50 краткометражни, документарни, анимирани и играни филмови кои доаѓаат од повеќе земји од речиси сите континенти. Филмовите ќе се натпреваруваат за една од повеќето награди кои ги доделува стручно жири на фестивалот.

„Посебно сме горди што на 24 септември ќе се прикаже филмот ‘Живи и здрави’, кој е снимен во копродукција на Црна Гора и Македонија. Во овој филм игра и Никола Ристановски, за кого се надеваме дека ќе биде присутен на денот на проекција“; вели Агим Абдула, уметнички раководител на фестивалот.

Филмовите ќе се прикажуваат во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ и во Европска куќа во Тетово, освен филмот на Френсис Форд Копола, „Мегалополис“, кој ќе се прикажува во Скопје бидејќи во Тетово нема соодветна апаратура за негова проекција.

За првпат филмскиот фестивал се организира заедно со Џез фестивалот Тетово.

„Џез фестивалот се одржува по седми пат, а сега ќе биде и дел од ТИФФ ОДА. Ќе имаме три концертни вечери, кои започнуваат по завршувањето на филмските проекции, а ќе настапат едни од најдобрите џез бендови од Македонија и Албанија. Вечерва настапува ‘Ајс квартет’ од Албанија, следниот ден е дуото ‘Добрила и Дориан‘, а третата вечер на 25 септември е посветена на ‘Сашо Поповски трио‘, кое ќе го промовира новиот албум“, изјави Лејла Халими-Лумани, организаторка на Џез фестивалот Тетово.

Концертите ќе се одржуваат во Европска куќа во Тетово.

З. АНДОНОВ