ВО КИЦ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „ФЕМИНА 8/4“, ОМАЖ НА ОПУСОТ НА АНА ТЕМКОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20.30 часот, во Културно-информативниот центар, како дел од Скопско лето, ќе се отвори изложбата „Фемина 8/4“.

Изложбата претставува омаж на творештвото на македонската сликарка Ана Темкова, која е препознатлива по својот интимистички сликарски израз со детали на архитектонски примери од македонски куќи, портрети, ликовни записи, проследени со мртва природа, цвеќе, огледала и ентериери.

Според кураторката Јана Манева-Чупоска, „Фемина 8/4“ создаде нови дела, како реинтерпретација на делото од Ана Темкова, „Ентериер и огледало“, насликано во техника масло на платно во 1979 година.

„Објективизација и реинтерпретација на едно ликовно дело е пристап кој се применувал во сите временски декади. Многу ликовни уметници во своето творештво се инспирирале од дела на други уметници. Тоа е еден концепт кој возобновува многу интересен сликарски систем, создавајќи сосема нов и современ ликовен потпис“, вели организаторот, Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Учествуваат: Жанета Гелевска-Велјановска, Симонида Филипова-Китановска, Касиопеја Наумовска, Жаклина Глигориевска, Емилија Божиновска, Шќипе Мехмети, Дита Старова, Ана Ивановска, Јана Јакимовска, Гајатри Хорват (Хрватска), Маша Гала, Андреа Ержен и Маруша Стибел (Словенија).