Аудио книгите предизвикуваат посилна емоционална реакција кај луѓето отколку телевизијата и филмот, стои во новата студија на катедрата за експериментална психологија на Универзитетот во Лондон.
Новото истражување вели дека тоа предизвикува физиолошки промени, вклучувајќи зголемување на срцевите отчукувања и топлина што се шири низ целото тело.
За време на експериментот, научниците им дале на 103 учесници од различни возрасти да слушаат различни книги и ги споредија нивните одговори со тоа како се чувствувале кога ја гледале истата сцена во филмска или ТВ-адаптација.
Истражувачите откриле дека емоционалната реакција била посилна кога испитаниците слушале аудио книги отколку кога гледале визуелни приказни. Но, самите учесници дури и не сфатиле дека нивните реакции биле толку силни.
„Срцевиот ритам им беше побрз за две отчукувања во минута кога слушаа аудио книги. Нивните тела беа потопли за два степени, а кожата им беше понаелектризирана отколку кога гледаа визуелни слики“, велат од Универзитетот.
Сè уште не е конечно јасно зошто аудио книгите успеваат толку силно да влијаат на луѓето. Но, психолозите велат дека тоа е затоа што слушањето книги предизвикува поголема фантазија и ги охрабрува да учествуваат во замислувањето на приказната.