Десет дена пред нивниот настап на Д фестивал во Дојран, „Архангел“ ги изненади своите фанови со нови сингл и спот.
Песната насловена „Пинокио“ е првиот оригинален материјал на култната македонска рок група по долги години, иако таа веќе беше изведувана во живо, меѓу другото, и на фестивалот „Таксират“ пред две години.
Фронтменот на групата Ристо Вртев е автор на музиката, текстот и на аранжманот на песната, додека во улогата на Пинокио во спотот се појавува неговиот син Иван.
Откако во почетокот на 90-ите години се здоби со огромна популарност со првите два албума, „Архангел“ последното студиско издание („Небесна машина“) го објави пред точно 15 години и оттогаш само повремено настапуваа во живо.
„Архангел“ ќе настапи на главната бина на Д фестивал на 7 јули.