Американската амбасада во Скопје оваа година одлучи да го одбележи најголемиот национален празник, 4 Јули – Денот на независноста, како посвета на еден од најпрепознатливите симболи на САД – синиот џинс.
Токму затоа, амбасадорот Џес Бејли претходно побара од поканетите гости да ги остават дома традиционалните формални одела и фустани и да облечат обични фармерки.
„Оваа година сакавме да го прославиме Денот на независноста со вас на начин како го правиме тоа во САД. Го поминуваме денот со семејството, правиме пикник, скара, паради и огномет. И повеќето од нас тој ден носиме сини фармерки“, кажа Бејли.
Во САД сите носат џинс, без разлика на општествениот статус, па така беше и на празничната рок журка, што се одржа на тревникот во кругот на амбасадата, каде што гостите ги забавуваа Леана Тачи и нејзиниот бенд. Министри, функционери, политичари, јавни личности, бизнисмени, судии, обвинители, новинари, речиси сите го испочитуваа необичниот, а едноставен дрес код.
„Не можам да замислам нешто што повеќе ја претставува Америка од синиот џинс. Тој ја обединува нацијата. По Втората светска војна, тој стана симбол на слобода и на младешка бунтовност. Помислете само на Џејмс Дин и на Вудсток! Пејачот Били Џоел еднаш кажа дека целиот свет ги сака американските филмови, џезот, рокенролот и – синиот џинс. И беше во право“, кажа Бејли.
Измислен од Џејкоб Дејвис во соработка со „Ливај Страус компани“ во 1871 година, џинсот првично бил наменет за каубои и рудари, но по Втората светска војна стана особено популарен меѓу тинејџери и разни субкултури, особено хипици. До 70-ите години, тој веќе беше општа мода во САД, а во европските комунистички земји, особено во Советски Сојуз, симболична врска со Западот.
„Многу луѓе овдека ми кажуваа приказни како оделе во Италија да купат фармерки од својата заштеда“, кажа Бејли.
Џинсот денес е еден од најголемите светски брендови, на кој во САД годишно се трошат повеќе од десет милијарди долари.