МЕЈЗИ ВИЛИЈАМС СТАРТУВА СОЦИЈАЛНА МРЕЖА ЗА ПОМОШ НА МЛАДИ НАДЕЖНИ УМЕТНИЦИ

Лондон, (Гардијан)

Во услови кога Фејсбук има две милијарди корисници, на Твитер врие од говор на омраза, а Инстаграм се претвори во чист маркетинг, како воопшто надежни млади луѓе можат да ја искажат својата креативност.

Токму тие се целната група на новата социјална мрежа Дејзи, што ѕвездата на „Игра на тронови“, Мејзи Вилијамс, ќе ја лансира на 1 август, во соработка со Дом Сентри, кого го запознала на снимањето на серијата.

„Сакаме да им дадеме можност на луѓето да бидат креативни, без да чекаат некој и некаде да го оцени и вреднува нивниот талент. Дејзи е мрежа што се базира на соработка. За да се поврзете со некого, ќе мора да работите заедно“, вели Вилијамс.

Арја Старк беше првата актерска улога за Вилијамс, што ја добила откако поминала низ процес на исцрпувачки кастинг на непознати таленти.

„Имав 12-13 години и се пријавував во секоја актерска школа во Лондон, но не успевав да влезам. Доколку не влезев во ‘Игра на тронови‘, мислам дека тоа ќе беше крај на моите актерски сништа. И затоа секогаш пред себе имам претстава за таа личност која не добила шанса“, вели Вилијамс.

Таа и Сентри ја гледаат Дејзи како шанса за млади луѓе да ги надминат сите пречки, кои ги спречуваат да се искажат како уметници. За почеток, тие најдоа 100 надежни уметници и креативци од целиот свет за да ја стартуваат својата апликација.

„Сакаме да им помогнеме на луѓето да почнат кариера. Тоа е мотото на нашата компанија“, додава Сентри.