Собранието вчера ја изгласа одлуката за распишување референдум за името, што ќе се одржи на 30 септември, но во гласањето не учествуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои претходно ја напуштија салата.
- 68 пратеници ја поддржа одлуката за распишување референдум.
- На референдумот ќе се одговара на прашањето „Дали сте за членство во Европската Унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името помеѓу Македонија и Грција“.
- Според договорот потпишан на 17 јуни во селото Псарадес (Нивици) на грчката страна на Преспанското Езеро, името на земјата ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, јазикот – македонски, а националноста – македонска.
- Референдумот ќе има консултативен карактер, но резултатот ќе биде обврзувачки за сите.
- Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето ја напуштија собраниската сала и не беа присутни да ги образложат двата амандмани што ги поднесоа.
- Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека референдумското прашање е манипулативно и има повеќеслојно значење и, како што кажа генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, власта на тој начин сака да ја изигра волјата на народот.
- ВМРО-ДПМНЕ не даде конкретен одговор дали ќе го бојкотира референдумот, за тоа деновиве ќе одлучат партиските органи.