ЛЕМУРИТЕ ПРОГЛАСЕНИ ЗА НАЈЗАГРОЗЕН ВИД ПРИМАТИ НА СВЕТОТ

Антананариво, (Би-Би-Си)

Речиси сите видови лемури, примати со големи очи кои живеат само во Мадагаскар, се наоѓаат под закана од исчезнување, заклучи меѓународна група на конзерватори, која спроведе истражување за статусот на ова животно.

Тие велат дека се загрозени 95% од светската популација на лемури, односно 105 од вкупно 111 познати видови и подвидови.

„Тоа, без сомнение, е најголемиот процент на загрозеност на која било поголема група цицачи и ‘рбетници на светот“, вели Рус Митермаер од Глобалната организација за заштита на дивиот свет.

Ова симпатично животно се соочува со исчезнување поради постојаното уништување на тропските шуми, ширењето на земјоделското земјиште и рударството. Нов загрижувачки тренд е нивното ловење заради храна и домашни миленици.

„Голем проблем е комерцијалниот лов, најверојатно за потребите на локалните ресторани. И тоа е нов феномен за Мадагаскар, што го немаше во овој обем пред 15 години“, додава Митермаер.