Холивудската легенда Роберт Редфорд објави дека ја завршува актерската кариера и дека следниот филм што ќе му излезе ќе биде последен.
Осумдесет и едногодишниот Редфорд, кој единствениот оскар го доби за режија, ќе глуми во „Старецот и пиштолот“, вистинската приказна за криминалец, кој на 59 години избегал од затвор со кајак.
„Никогаш не вели никогаш, но речиси сум сигурен дека ова ќе биде мој последен филм како актер. После ова се движам кон пензија, затоа што ова го правам уште од 21-годишна возраст. Си реков дека е доста“, изјави Редфорд.
Во новиот филм, што ќе излезе кон крајот на септември, тој го игра Форест Такер, кој направил кајак додека бил во затворот Сан Квентин во Калифорнија и со двајца затвореници избегал со него во 1979 година. Такер подоцна го променил името, се оженил и се здружил со друг искусен криминалец, за да извршат уште десетици грабежи.
Редфорд дебитираше на филм во 1960 година и подоцна заработи четири номинации за оскар, добивајќи го за режијата за „Обични луѓе“ во 1981 година.