РОД СТЈУАРТ НЕ ЗАПИРА НА 73 ГОДИНИ – ИМА ОСУМ ДЕЦА И ГО ИЗДАВА 30. АЛБУМ

Њујорк, (АП)

Иако со кариера подолга од половина век, Род Стјуарт не покажува знаци на запирање.

Кога не е на турнеја, по дома ги брка своите две млади деца Ејден и Алистер, а на 28 септември му излегува 30. студиски албум, насловен „Крваво црвени рози“.

Иако најпознат по песни со романтична тематика, 73-годишниот Стјуарт никогаш не се плашел да допре и социјални проблеми. Во 1976 година, тој ја сними „Убиството на Џорџи: дел еден и два“, посветена на пријател кој бил убиен поради неговата сексуална ориентација. Таа се смета за првата популарна песна во која се зборува за хомосексуалност.

„Тоа беше вистинска приказна и многу е полесно да се пишува за вистина“, вели Стјуарт во интервјуто за АП.

Вашата фризура сè уште изгледа неверојатно. Како ја одржувате?

  • Сè уште е доста добра, нели? Не знам, мислам дека имав среќа со косата. Има многу работа и местење тука. Одам на фризер на секои две недели.

Добро се движите на сцена за човек во 70-ти…

  • Никогаш не сум бил по дрогите. Јас сум фудбалски тип на човек. Фудбалот отсекогаш бил мојата најголема страст и денес сè уште играм по малку. И доста вежбам, мора да признам и тоа ме одржува добро подготвен. Колку долго ќе терам? Тоа е прашање за милион долари. Веројатно, сè додека уживам. Сега имам и вкупно осум деца и тоа, исто така, доста ме одржува на нозе.

Дали се сметате за секс-симбол?

  • Го мразам тој збор. Тоа си дојде со музиката, која е многу сензуална и енергична. Никогаш не сум бил нападен кон жените, никогаш не сум имал проблеми со нив. Но, сакам да ги заведувам на еден романтичен начин.