Нема веќе билети за утрешниот концерт на Охридско лето на „Амира трио“, чија вокалистка Амира Медуњанин ја нарекуваат „босанската Били Холидеј“.

Најголемиот македонски летен фестивал памети полни сали и сцени и за концерти и за театарски претстави, но реткост е еден настан да биде распродаден неколку дена однапред. Концертот ќе се одржи утре во 21 часот во „Св. Софија“.

Музичкиот новинар Гарт Картрајт ја нарекува Медуњанин „босанската Били Холидеј“, алудирајќи на начинот на кој таа си „игра“ со севдахот, пронаоѓајќи нови контекст и форма во традицијата стара повеќе од сто години. Оваа уникатна вокалистка е еден од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина, велат од Охридско лето.

Нејзината богата дискографија, што ја објавуваат познати светски издавачки куќи, постојано добива одлични критики. Дебитантскиот албум „Роса“ е прогласен за албум на годината во Велика Британија, додека пак „Зумра“ е добитник на наградата „Индекси“.

Во нејзината музика, покрај обработката на босанската музичка народна традиција, се среќаваат и мелодии од српски и од македонски традиционални песни. Во триото се и хрватските музичари Анте Гело (гитара) и Звонимир Шестак (контрабас).

Охридско лето за вечерва го најавува концертот на Жана Марчинска на виолончело и на Украинката Гана Гусиева на пијано (21 часот, „Св. Софија“).

Д. ЧУБРИЌ