Со еден ден одложување, НАСА го лансираше сателитот со кој практички ќе го допре Сонцето.
Во една од своите најамбициозни мисии досега, ракетата што го носи сателитот Паркер солар проуб утрово беше лансирана од Кејп Канаверал на Флорида и неговата цел е да стигне на 6,12 милиони километри од зовриената површина на Сонцето, за да разреши некои стари мистерии за неговото однесување.
Ова е најблиску што човекот некогаш бил до Сонцето, откако во 1976 година мисијата Хелиос-2 дојде на 43 милиони километри.
„Тоа можеби не звучи блиску, но замислете Сонцето и Земјата да се оддалечени само еден метар. Тоа е како Паркер да е на четири сантиметри од Сонцето. Никогаш не сме отишле олку далеку, ова ќе биде како да сме го допреле Сонцето“, вели Ники Фокс од Лабораторијата по физика од универзитетот „Џон Хопкинс“.
Паркер солар проуб е и најбрзиот објект направен од човекот и ќе патува со брзина до 690.000 километри на час. Тој притоа ќе се соочи со температури од 1.300 Целзиусови степени, од кои ќе се брани со топлотен штит.
Целта на мисијата е да навлезе директно во надворешната атмосфера на Сонцето, наречена корона. Во текот на седумгодишната мисија, Паркер ќе направи 24 круга околу Сонцето и ќе ја проучува физиката на короната, место во коешто се случуваат повеќето важни активности што влијаат врз Земјата.
Мисијата ќе помине покрај Венера за шест недели и првиот контакт со Сонцето ќе го има после дополнителни шест недели.