РЕЖИСЕРОТ ТОНИ КЕЈ РАБОТИ НА ФИЛМ СО РОБОТ ВО ГЛАВНА УЛОГА

Лос Анџелес, (Гардијан)

Британскиот режисер Тони Кеј, кој се прослави со „Непозната американска историја“, планира во својот следен филм да му даде главна улога на робот.

Според „Дедлајн“, Кеј ќе ѝ даде предност на вештачката интелигенција во однос на човек во својот нов проект, насловен „Второроден“.

Андроидот ќе биде трениран со разни техники и различни актерски методи и Кеј се надева дека неговиот „актер“ ќе биде земен предвид во сезоната на доделување награди.

Филмот е продолжение на комедијата „Првороден“ со Вал Килмер и Дениз Ричардс во главните улоги, кој беше прва американско-иранска копродукција досега. Тој треба да излезе оваа година.

Кеј ја почна кариерата како режисер на музички спотови, што ги вклучува Џони Кеш и „Ред хот чили пеперс“ и потоа собра одлични критики за своето филмско деби „Непозната американска историја“ во 1998 година.