„ИГЛС“ СЕГА ГО ИМААТ НАЈПРОДАВАНИОТ АЛБУМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Њујорк, (АП)

„Трилер“ на Мајкл Џексон веќе не е најпродаван албум на сите времиња.

Оваа титула сега им припаѓа на американските кантри рокери „Иглс“, односно на „Нивните најголеми хитови 1971-1975“, кој претставува колекција на првите четири албуми.

Ревидираните податоци ги објави Американската асоцијација на музичките издавачи, според кои компилацијата на „Иглс“, објавена во 1976 година, е продадена во 38 милиони примероци, добивајќи го платинестиот сертификат 38 пати. Притоа е земена предвид комбинацијата на продадени албуми и на стримање.

„Трилер“, кој е продаден во 33 милиони примероци, го држеше врвот од 2009 година.

На третото место е исто така албум на „Иглс“, „Хотел Калифорнија“ од 1977 година, кој беше платинест 26 пати.

„Иглс“ се распаднаа во 1980 година, но се вратија со голема турнеја после 14 години. Еден од основачите на бендот, гитаристот Глен Фреј, почина во 2016 година.