Двократниот оскаровец Џорџ Клуни со 239 милиони долари е најплатениот актер за 2018 година, додека второпласираниот Двејн Џонсон ја удвоил својата заработка од 2017 година, заработувајќи 119 милиони долари во последниве 12 месеци.
Клуни ја предводи листата на „Форбс“ за најскапо платени актери, иако веќе две години нема снимено филм. Неговото богатство, сепак, не се должи на актерската кариера, за која нема најави ни кога ќе продолжи, туку на продажбата на неговиот бизнис со текила.
Клуни и неговите двајца партнери ја прододоа компанијата „Касамигос“ во јуни 2017, откако „Дијагео“ се согласи да плати една милијарда долари за брендот.
„Тоа беше само за нас, не планиравме да правиме бизнис од текила, бидејќи сите веќе имавме добра работа“, се присети своевремено Клуни, на кого му припаднале 233 милиони долари од зделката, што значи дека како актер заработил околу шест милиони оваа година.
Следни на листата се: Роберт Дауни Џуниор со 79 милиони долари, Крис Хемсворт (64,5), Џеки Џен (45,5), Вил Смит (42), Акшај Кумар (40,5), Адам Сандлер (39,5), Крис Еванс (34) и Салман Кан со 33,5 милиони долари.