„ЛАДА“ ЈА ПРЕТСТАВИ ИДНИНАТА НА ОМИЛЕНИОТ ТЕРЕНЕЦ „НИВА“

Москва, (Аутокар)

„Лада“ го претстави својот концепт „4х4 вижн“, кој за многумина дава претстава како ќе изгледа идната верзија на долговечниот теренец на руската компанија.

Моделот „вижн“, кој досега беше познат под имињата „нива“ и „ваз-2121“, во речиси непроменета форма се произведува од 1977 година, како бескомпромисен теренец, сличен на „ленд ровер дифендер“.

„‘4х4 вижн‘ е дизајниран за да ја покаже филозофијата на ултимативното теренско возило. Овој концепт дава визија како ќе изгледа иднината на ‘Лада‘ и колку енергична планира да биде“, изјави главниот дизајнер на компанијата, Британецот Стив Матин.

Стилски, новиот теренец ги презема карактеристиките на досегашните модели, но во внатрешноста се додадени дигитален кокпит и богата опрема. Долг 4,2 метри, концептот има пет врати, панорамски стаклен покрив и нов менувач, а ќе го придвижува бензинец со 122 коњски сили.