Хенри Кејвил, последниот актер кој го играше Супермен, ја доби главната улога во долгоочекуваната серија на „Нетфликс“, што ќе се базира врз популарниот серијал на фантастични приказни, „Вештер“.
Приказните на полскиот автор Анджеј Сапковски го следат Џералт оф Ривија, осамениот ловец на чудовишта, кој се мачи да го пронајде своето место во светот во којшто луѓето се често позли од самите ѕверови. На својот пат, тој се здружува со моќна волшебничка и со млада принцеза со опасна тајна.
Познато е дека осумте епизоди од првата сезона ќе ги режираат Алик Сахаров, Алекс Гарсија Лопес и Шарлот Брендстрем.
Тоа ќе биде првата телевизиска улога за Кејвил од историската драма „Тјудори“ во 2010 година, а потоа го играше Супермен во три филма.
Приказните на Сапковски, од кои последната излезе во 2013 година, се адаптирани и во успешна видеоигра.