Веќе две недели, Војо Иванов во улога на зоо аниматор преку интерактивно шоу ги раскажува приказните за животните во скопската Зоолошка градина.
На секој половина час се посетува едно живеалиште, каде Војо ги раскажува основните карактеристики на животното, игра и ги храни. За изминатите две недели, Војо, кој еден месец е дел од тимот негуватели во Зоолошката, вели дека најпосетено е шоуто кај морскиот лав Хан, а највозбудливо за децата е хранењето на крокодилот.
„Оваа идеја е позајмена од зоолошките градини во големите градови, но ние сме први на Балканот кои правиме интерактивна шоу програма. Соодветно облечен и опремен за секое животно, влегувам во живеалиштето, го храниме и низ игра ја раскажувам неговата приказна. Во време кога децата постојано се пред компјутери и таблети, ова е нешто поинакво, да научат нешто преку интеракција во живо“, вели Војо.
Програмата почнува кај морскиот лав, па хранење на крокодилите, посета на лавовите, потоа бакнежи кај жирафата. Оттаму, Војо и посетителите се преселуваат кај нилскиот коњ Хипо, па во терариум на галење со змии, играње со лемурите и за крај, посета на живеалиштето на тигарот.
„Одиме и кај новото живеалиште на слоновите. Иако слониците Дела и Дуња не се стигнати, јас на децата им раскажувам дека наскоро ќе имаме нови животни и целата приказна за нив. Не можам да кажам што им е најитересно на децата, голем интерес има кај морскиот лав, па затоа имаме по два посети во денот, на почетокот и на крајот на програмата. Децата најмногу се возбудени кога го хранам крокодилот, оти за нив, тоа е опасно животно. Со нетрпение чекаат кое ќе биде наредно живеалиште каде ќе влезам. Нашата идеја е да го задржиме вниманието на посетителите и во тоа успеваме со овој новитет“, вели негувателот Иванов.
Покрај приказните, Војо секогаш на крајот им посочува на посетителите дека не треба да им даваат храна на животните, бидејќи тие имаат посебен режим на исхрана. Исто така, споделува и еколошки пораки, за да се одржува градината чиста.
„На секоја од презентациите проверувам дали има прашања и завршуваме со еколошка порака и со совети за хранењето на животните. Ги мотивирам да не ги повредуваат и ја раскажувам приказната од минатото, кога морскиот лав угина од фрлен предмет“, додава Војо.
Во Зоолошката градина од минатата недела почна акцијата на реновирање на живеалиштата. Прво ќе се реновира просторот на жирафите, а потоа и останатите.
А. АНТЕВСКА