РОБОТИТЕ ЌЕ ПРЕЗЕМАТ НЕКОИ РАБОТНИ МЕСТА, НО И ЌЕ СОЗДАДАТ МИЛИОНИ НОВИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Милиони работни места во блиска иднина ќе бидат автоматизирани, но треба помалку да се плашиме од роботи отколку што мислиме, стои во извештајот на Светскиот економски форум (ВЕФ).

Според ова истражување, роботите ќе преземат 75 милиони работни места низ светот, но во исто време, ќе создадат 133 милиони нови. Напредокот во компјутерскиот свет ќе им даде нови задачи на работниците.

Форумот проценува дека роботите и алгоритмите значително ќе ја подобрат продуктивноста на постојните професии и ќе создадат многу нови во претстојните години. Како резултат на ова, ќе се зголеми бројот на аналитичари на податоци, развивачи на софтвер и на специјалисти за социјални медиуми, а ќе се зголеми и бројот на вработени во услужните дејности и во образованието.

Во исто време, ова значи дека некои улоги ќе станат излишни, особено во сметководствени фирми, фабрики и во пошти. Поради ова, некои работници ќе бидат принудени да ги усовршат своите вештини.

„Нивото на губење на работните места во четвртата индустриска револуција ќе биде слично големо како во претходните три“, вели главниот економист на Бенк оф Ингленд, Енди Халдејн.