АЗИЈА АРЏЕНТО Ѝ СЕ ЗАКАНИ СО ТУЖБА НА РОУЗ МЕКГОУАН ОТКАКО ЗАЕДНО ГО ПОЧНАА ДВИЖЕЊЕТО #METOO

Лос Анџелес, (Индипендент)

Азија Арџенто ѝ се закани со тужба на колешката Роуз Мекгоуан поради нејзината изјава за обвинувањата за сексуален напад со кои се соочува италијанската актерка.

Арџенто и Мекгоуан се истакнати активистки во движењето #MeToo и едни од првите жени кои го разоткрија моќниот филмски продуцент Харви Вајнстин.

Според правните документи што ги објави весникот „Њујорк тајмс“, Арџенто му платила 380.000 долари на еден млад актер, кого наводно го нападнала во хотелска соба во Калифорнија во 2013 година. Џими Бенет имал 17 години во времето на нападот, што е под законската граница за легален секс во Калифорнија.

Мекгоуан рече дека „апсолутно не смее да има толеранција за случаите на сексуален напад“.

„Направи ја вистинската работа. Биди искрена, биди фер. Дозволи ѝ на правдата да си оди по текот“, ѝ порача Мекгоуан на Арџенто.

Арџенто побара од неа да ги повлече, како што рече, „ужасните лаги“, додавајќи дека ако не го стори тоа, ќе нема друг избор освен да покрене правна процедура за навреда и клевета.