МУЗЕЈ НА МАРИХУАНАТА Е НАЈНОВАТА АТРАКЦИЈА НА ЛАС ВЕГАС

Лас Вегас, (АП)

Стаклен бонг со големина на жирафа, огромни вештачки џоинти што можат да се гушнат и базен полн со цветови на марихуана од пења, сето ова може да се види во најновата атракција на Лас Вегас, но и на Инстаграм – музеј кој слави сѐ што е поврзано со канабис.

Сепак, никој нема да смее да запали џоинт кога в четврток ќе се отвори „Канабишн“, поради забраната за јавно консумирање марихуана во Невада, но посетителите ќе можат да научат многу за оваа дрога додека прават фотографии.

Една од атракциите на музејот е седум метри висок стаклен бонг (Фото: АП)

Станува збор за музеј кој е целосно прилагоден на социјалните мрежи и секоја поставка е така осветлена што не треба да се користат филтри кога се прави самослик.

Тој ќе ги прими првите посетители 15 месеци откако Невада ја легализираше продажбата на марихуаната за лични потреби, при што тоа ги надминало сите очекувања на државата. Основачот на музејот вели дека неговата цел е да ја тргне стигмата од користењето марихуана.

„‘Канабишн‘ не е наменет само за оние кои консумираат марихуана, туку и за масите кои сакаат да научат нешто за неа и за оние кои сакаат да видат кул уметничко искуство“, вели Џеј Џеј Вокер.

Гостите ќе имаат можност да поминат низ 12 соби со инсталации, кои, меѓу другото, содржат бонг висок седум метри, опишан како најголем на светот и кревет во облик на семка од марихуана.