ДЕЈВИД ХОКНИ НА АЈПАД ДИЗАЈНИРАШЕ ВИТРАЖ ЗА КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТА

Лондон, (Ројтерс)

Вестминстерската црква во Лондон, каде се одржуваат кралските крунисувања, свадби и погреби и каде се погребани други славни Британци, го претстави новиот витраж во чест на кралицата Елизабета, кој го дизајнираше славниот уметник Дејвид Хокни на ајпад.

„Прозорецот на кралицата“ е трансформиран од обично стакло во разнобојна рурална сцена, инспирирана од родниот град на Хокни, Јоркшир, и со цветови на глог.

Од 81-годишниот Хокни, најпознат по поп-арт делата со светли бои во кои има симболизам на базени, портрети и пејсажи, било побарано да дизајнира „нешто симболично или репрезентативно на кралицата како жена со широки гледишта“.

На отворањето на витражот, Хокни рече дека го работел дизајнот на ајпад, користејќи сенки на црвена, розова, портокалова, жолта, сина и зелена боја и дека ова му е прва работа на стакло.

„Научив нешто ново за стаклото. Беше предизвик“, рече Хокни.