РЕСТОРАН ОД ВЕЛС ЈА ВРАЌА ЅВЕЗДАТА МИШЕЛИН ЗА ДА ИМА ПОСЕМЕЕН ИМИЏ

Монтгомери, (Си-Ен-Ен)

Мишелин ѕвездата е посакувана и крајна цел за многу ресторани, но сопствениците на мал ресторан во Велика Британија ја враќаат нивната ѕвезда, за да можат да се фокусираат на семејниот живот.

Ресторанот „Чекерс“, кој служи класична француска кујна во близина на Монтгомери, Велс, веќе седум години има ѕвезда Мишелин, благодарение на напорите на партнерите Стивен Бори и Сара Френсис и сестрата на Сара, Кетрин.

Сара Френсис, Кетрин Френсис и Стивен Бори се сопственици на ресторанот „Чекерс“

Одгледувајќи пет деца, тимот вели дека сега сака да поминува повеќе време заедно.

„Ѕвездата е важна ознака и ние ја негувавме седум години. Но, дојде време за нов правец, оној кој му дозволува на Стивен да врши повеќе приватна работа, да биде послободен, но и сакаме нашиот ресторан да биде пофамилијарен“, изјави Кетрин за Си-Ен-Ен.

Ова не е прв случај ресторан да ја врати Мишелин ѕвездата, па затоа се покренува дебата за притисокот и долгото работно време на готвачите.

„Мислам дека притисокот врз рестораните доаѓа во разни форми, растат цените и трошоците за храна, работните часови, бизнис рејтингот. Како и да е, ние имаме голема почит кон она за што се залага ѕвездата“, изјави Кетрин.