Многупати излегоа спојлери за серијата „Игра на тронови“, без разлика дали некој актер ќе откриеше некој детаљ или продукцијата Ејч-Би-О по грешка предвреме ќе објавеше цела епизода.
За осмата, последна сезона, продуцентите презеле драстични мерки за да се заштитат од спојлери.
Актерката Софи Тарнер откри дека на сетовите имале убиец на дронови, уред што ги уништува дроновите кои ги користеле папараци.
„Ако видовме дрон на сет, знаевме дека има уред што ќе го сруши, што беше навистина кул. Налик на Екс-мен“, изјави Тарнер.
Актерката додаде дека на снимањето, за серијата го користеле насловот „Дрвото на животот“, за да ги збунат фотографите, како и дека снимале различни верзии на сцените.
Сѐ уште нема датум на премиерата на осмата сезона, но се очекува да биде во првата половина на 2019 година.