БИВШИОТ ФРОНТМЕН НА „СОНИК ЈУТ“ ТРСТОН МУР Е МАГНЕТ И ЗА НЕТРАДИЦИОНАЛНА ЏЕЗ ПУБЛИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Трстон Мур по малку ќе ја засени програмата на вториот ден од 37. издание на Скопскиот џез фестивал, бидејќи неговото име несомнено е магнет и за онаа нетрадиционална џез публика.

Поранешниот фронтмен на култните „Соник јут“ ќе одржи соло концерт на полноќ во Младински културен центар, што ќе ги привлече и фановите на онаа негова музика која вечерва нема да биде на репертоарот. Иако 60-годишниот Мур не е типично џезерско име, ова е еден од најисчекуваните настани во поновата историја на Фестивалот.

„Мур сите го знаеме како фронтмен на легендарните ‘Соник јут‘, но уште во тоа време, а особено по распаѓањето на групата, тој работеше на голем спектар проекти и се смета за еден од најдобрите познавачи на слободниот џез“, вели директорот на Фестивалот, Оливер Белопета.

Мур е еден од основачите на „Соник јут“, бендот кој го популаризираше ноиз рокот, со кој сними 15 студиски албуми во периодот од 1983 до 2009 година, станувајќи едно од најзначајните имиња во музиката во изминатите децении.

Првиот дел од вечерта ќе се одржи во Македонска опера и балет, кадешто ќе настапат легендарниот трубач Вадада Лео Смит (20 часот) и триото „Хариет Табман“ (22 ч.).

Г. КОНЕВ