Ирската пејачка Шинид О‘Конор објави дека преминала на ислам и со тоа нејзиното ново име е Шухада.
Во објава на Твитер, таа им се заблагодари на сите муслимани на поддршката.
„Со голема гордост можам да објавам дека сум станала муслиманка. Мојата одлука е природен заклучок на патувањето на еден интелигентен верник. Отсега имам и ново име, ќе биде Шухада“, напиша таа на Твитер, објавувајќи видео во коешто пее езан, односно муслимански повик за молитва.
О‘Конор, која минатата година официјално го промени името во Магда Девит, и во минатото јавно зборуваше за религија. Таа предизвика големи контроверзи кога во 1992 година на американска телевизија искина фотографија од папата, а седум години подоцна стана свештеничка на одметнатата црква во Лурд, церемонија која не беше призната од католичката црква, бидејќи не прима жени во своите редови.
О‘Конор издаде десет албуми во својата кариера, најавувајќи нов за октомври наредната година.
Актерот Омар Шариф, комичарот Дејв Шапел и музичарите Кет Стивенс и Ајс Кјуб се само некои од славните личности кои имаат преминато на ислам.