Со 21 Мишелин ѕвезда во своите 30 ресторани на три континенти, прославениот готвач Ален Дукас изгледа како исполнет човек, но тој вели дека е во постојана потрага по нови искуства.

„Јас сум во постојана потрага по нови состојки, начини на подготовка и рецепти“, вели Дукас.

Неговиот најнов проект е „Дукас сур Сен“, што, како што и самото име кажува, е пловечки ресторан на реката што минува низ Париз.

Цената на оброците се движи меѓу 100 и 500 евра за едно лице

Дукас го подготвувал пет години и конечно го отвори минатиот месец. Цел во челик и стакло, ресторанот е поставен на најголемиот електричен брод на светот и е дизајниран од поморскиот архитект Жерар Ронцати, кој го замислил како луксузна заоблена летечка чинија.

„Замислете си како пловите во тишина, како на лист, на реката Сена. Бидејќи бродот е проѕирен и електричен, искуството е целосно нереално“, задоволно вели Дукас.

Во ресторанот работи персонал од 36 луѓе, на чело со Франсис Фовел и цените на оброците се движат меѓу 100 и 500 евра по лице. Винската листа нуди повеќе од 100 различни етикети.

Во попладневните часови, бродот е закотвен наспроти Ајфелова кула, кога на покривот се служат шампањско и десерт за 36 евра.