МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА И ЃОРЃИ ДИМЧЕВСКИ СО КОНЦЕРТИ НИЗ ШПАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската филхармонија од денеска до петок ќе биде на гости во Шпанија и ќе ги посети Сарагоса и Хуеска. Во вторник ќе одржи концерт во салата „Моцарт“ во Аудиториумот во Сарагоса, а на 1 ноември е во Конгресната палата во Хуеска.

Оркестарот ќе биде предводен од истакнатиот шпански диригент Рикардо Касеро, кој минатата концертна сезона за првпат гостуваше во Скопје, кога диригираше со концертот „Шпанија во срцето“.

На двата концерти како солист ќе се претстави македонскиот и светски виртуоз на виолина Ѓорѓи Димчевски. Тој периодов е концерт-мајстор на Националниот оркестар на Шпанија, а од 2007 година е концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија, кој е домаќин во Палатата на уметностите на кралицата Софија.

На концертите во Шпанија, Филхармонијата ќе изведе дела од Едгар Лало (Шпанска симфонија оп. 21 за виолина и оркестар) и Михаил Глинка (Шпанска увертира бр. 1).