Емотивната Адријана Лима ѝ се наклони на публиката, откако по 18. и последен пат се прошета на пистата на годишното шоу на „Викторијас сикрет“, што се одржа во Њујорк, а светската јавност ќе може да го види дури на 2 декември.
Наречена „најголемиот ангел на сите времиња“, на екстравагантната ревија беше пуштено и посебно видео во чест на бразилскиот супермодел.
„Мислев дека со текот на годините ќе бидам посмирена. Не, сè уште сум нервозна, како да сум на моето прво шоу на ‘Викторијас сикрет‘“, изјави 37-годишната Лима пред почетокот на ревијата.
Шон Мендес, Рита Ора, Бебе Реџа, Хелси и други музички ѕвезди настапија на шоуто во Менхетн, додека на пистата излегоа повеќе од 60 модели, вклучувајќи ги сестрите Бела и Џиџи Хадид и Кендал Џенер.
Во моментот кога Лима сама прошета по пистата на крајот на ревијата, сите присутни станаа за да ѝ оддадат чест.
„Драга ‘Викторија‘, ти благодарам што ми го покажа светот, што ги делев твоите тајни и најважно од сè, не само што ми даде крилја, туку и ме научи да летам“, напиша Лима на Инстаграм.