Анимиран филм на Волт Дизни од 1928 година со среќниот зајак Освалд, лик кој е претходник на Мики Маус, за кој долги години се мислело дека е изгубен, е пронајден во Јапонија.
Филмот снимен на 16 милиметарска лента бил во сопственост на историчарот на аниме филмови, Јасуши Ватанабе, кој го купил пред речиси 70 години, но не го знаел неговото значење.
Ватанабе (84 години) го купил филмот за 4,40 долари од продавач на играчки во близина на неговиот дом во Осака, но дури неодамна ја прочитал книгата „Среќниот зајак Освалд: потрага по изгубените анимирани филмови на Дизни“, која лани ја објави долгодишниот аниматор на „Дизни“, Дејвид Босет.
Волт Дизни и Уб Иверкс го креирале Освалд во 1927 година и тој бил првиот лик на студиото „Дизни“ кој добил своја сопствена серија. Откако биле направени 27 епизоди, „Дизни“ дошол во спор со студиото „Јуниверзал“ за авторски права на ликот, по што Волт Дизни почнал да работи на нов лик, кој подоцна стана Мики Маус. „Дизни“ ги поврати правата на Освалд дури во 2006 година.
Примерокот на Ватанабе засега се чува во Коби планет, една од најголемите приватни филмски колекции во Јапонија, со повеќе од 16.000 наслови во библиотеката.