АДЕЛ ДОБИ ПОНУДА ДА ПЕЕ ЕДНА ГОДИНА ВО ЛАС ВЕГАС ЗА 20 МИЛИОНИ ФУНТИ

Лондон, (Индипендент)

Хотел во Лас Вегас ѝ понуди на Адел 20 милиони фунти за да пее во него цела година. Адел ќе треба да настапува еднаш неделно во хотелот „Вин“, а за една вечер би заработувала 380.000 фунти.

„Деновите кога во Лас Вегас настапуваа пејачи кои се на залезот од кариерата се минато. Изминативе години видовме големи ѕвезди кои настапуваат тука, ‘Цезар Палас’ ја има Мараја Кери, ‘Планет Холивуд’ Бритни Спирс, а ние ја сакаме Адел“, велат извори од хотелот.

И покрај тоа што хонорарот на Адел би бил речиси половина милион долари за една вечер, од хотелот сметаат дека ангажирањето на мегаѕвездата, ќе им донесе уште поголема заработка.

Засега не се знае дали Адел ќе ја прифати понудата. Летово, поради оштетување на гласните жици таа ги откажа двата концерти на стадионот „Вембли“ во Лондон, кои беа последни во рамките на нејзината турнеја. Адел исто така изјави дека не е сигурна дали повторно ќе оди на турнеи бидејќи не се чувствува најдобро кога го прави тоа.

Но, и покрај ваквиот став на пејачката, од хотелот не се откажуваат од идејата да ја ангажираат.

„Адел е професионалец, свесна е за своите способности. Ние ќе бидеме флексибилни во преговорите доколку тоа ја доведе во нашиот тим“, вели изворот од хотелот „Вин“.