Американската компанија „Форд“ потпиша договор со синџирот супермаркети „Волмарт“ за развој на автоматски возила за разнесување на набавки. Целта е пазарењето да се направи поевтино, поудобно и подостапно, изјавија компаниите.
„Форд“ лансираше пилот-проект во Мајами на почетокот на годинава, кога нивните возила во неколку наврати беа тестирани дали можат да пренесат тако, цветни аранжмани и облека од хемиско чистење. Повеќе од 1.000 предмети беа однесени.
„Преку оваа соработка, истражуваме како самоуправувачките возила можат секојдневно да разнесуваат стандардни производи, како пелени, храна за миленици и производи за лична употреба“, вели Брајан Волф, директор на одделот за развој на бизниси во „Форд“.
Од автомобилската компанија велат оти се надеваат дека до 2021 година ќе почнат со производство на комерцијални возила без возачи.